Маркови кули, Варош - градот Керамие
Маркови кули претставува висок карпест рид кој доминира во северниот дел од Прилепското поле. Со оглед на мошне поволната геостратешка положба, самиот рид и неговите подножја континуирано се населбински користени од праисториско време, преку антиката, па се до средниот век. Во овој последен средновековен период на просторот е оформена една од најголемите тврдини на Балканот, како седиште на кралот Марко, по кого ридот и утврдувањето се наречени Маркови кули. На оваа позиција во географски карти кои се однесуваке на римскиот период е забележано местото Керамие. Град со тоа име не се јавува во пишаните антички извори за предходниот раноантички и македонскиот период. Но, со археолошки истражувања откриени се две некрополи в0 јужното и северното подножје на ридот (во стручната литература внесени како археолошки локалитети Поткули и Заград), датирани во овие периоди.Исто така, на околните локалитети Мечкината дупка (Дабоиќ), Крклари и Караташ евидентирани се гробници издлабени во карпа, карактеристична појава во погребувањето единствено за доцномакедонскиот период, односни за II - I век ст.е. Со откривање на доста богат движен материјал во наведените некрополи и гробници (керамички садови, накит и монети)се потврдува населбинско егзистирање на поширокиот простор на Маркови кули уште во раната антика и во времето на античката македонска држава.